Матеј 5:28-44 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

28. Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба кон неа, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое.

29. Ако те соблазнува десното око, извади го и фрли го од себе; зашто подобро ти е да погине еден дел од твоето тело, отколку целото да биде фрлено во пеколот.

30. И десната рака, ако те соблазнува, исечи ја и фрли ја од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел, отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот.“

31. „Речено било исто така: ‚Ако некој ја остави својата жена, нека ѝ даде разводно писмо.‘

32. А Јас пак ви велам: секој што ќе ја остави својата жена, освен за прељуба, тој ја тера да прељубодејствува; и кој ќе се ожени со така напуштена, тој прељубодејствува.“

33. „Сте го слушале уште и тоа дека им било речено на старите – ‚Не колни се лажно, а заклетвите пред Господ исполнувај ги.‘

34. Јас, пак, ви велам: не колнете се воопшто – ниту во небото, зашто тоа е престол Божји;

35. ниту во земјата, зашто таа е подножје на нозете Негови; ниту во Ерусалим, зашто е град на великиот Цар.

36. Не колни се ниту во главата своја, зашто не можеш ниту едно влакно да направиш бело или црно.

37. Но зборот ваш да биде: ‚да‘, ‚да‘, или ‚не‘, ‚не‘, а сѐ што е повеќе од тоа, од лукавиот е.“

38. „Сте слушале дека е речено: ‚Око за око, заб за заб.‘

39. Јас, пак, ви велам: не противете се на злото. Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот.

40. А на оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и наметката.

41. И ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две.

42. На оној што бара од тебе, дај му, и не одбивај го оној што ти сака нешто на заем.“

43. „Сте слушале дека е кажано: ‚Љуби го својот ближен и мрази го својот непријател.‘

44. А јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат,

Матеј 5