Матеј 22:24-42 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

24. говорејќи: „Учителе, Мојсеј рече: ‚Ако умре некој без деца, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека му подигне потомство на својот брат!‘

25. Кај нас имаше седуммина браќа; првиот се ожени и умре; па, бидејќи немаше пород, ја остави жената своја на брата си;

26. исто така направи и вториот, и третиот, сѐ до седмиот;

27. а по сите нив умре и жената.

28. При воскресението, на кого од седуммината ќе биде таа жена, бидејќи со сите живеела?“

29. Исус им одговори и рече: „Се лажете, зашто не ги познавате Писмата, ниту силата Божја;

30. зашто при воскресението луѓето ниту се женат, ниту се мажат, туку се како ангели Божји на небото.

31. А за воскресението на мртвите, не сте ли читале што ви рекол Бог, велејќи:

32. ‚Јас сум Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.‘ Бог не е Бог на мртвите, туку на живите.“

33. И народот, слушајќи го тоа, се восхитуваше на Неговата наука.

34. Кога фарисеите слушнаа дека ги замолчи садукеите, се собраа заедно.

35. И еден од нив, законик, искушувајќи Го, запраша и рече:

36. „Учителе, која заповед е најголема во Законот?“

37. А Исус му одговори: „ ‚Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум;‘

38. тоа е прва и најголема заповед;

39. а втората е слична на неа: ‚возљуби го својот ближен како себеси!‘

40. На тие две заповеди се држат целиот Закон и Пророците.“

41. И кога се собраа фарисеите, Исус ги праша

42. и рече: „Што мислите за Христос? Чиј син е Тој?“ Му одговорија: „Давидов.“

Матеј 22