17. па Му облекоа багреница, и откако сплетоа трнов венец, Му го кладоа на главата;
18. и почнаа да Го поздравуваат: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“
19. И Го удираа по главата со трска и плукаа на Него, Му се поклонуваа, паѓајќи на колена.
20. А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ја облекоа Неговата облека и Го поведоа да Го распнат.
21. И го натераа еден минувач, некој си Симон Киринеец, таткото на Александар и на Руф, кој се враќаше од поле, да Му го носи крстот.
22. Па Го доведоа на местото Голгота, што значи: место на черепи.
23. И Му дадоа да пие вино со смирна, но Тој не зеде.
24. И откако Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка за нив, кој што да земе.
25. Беше третиот час, и Го распнаа.
26. И имаше натпис за вината Негова: „Цар Јудејски.“
27. А со Него распнаа и два разбојника, едниот од десната, а другиот од левата Негова страна.
28. И се исполни Писмото, кое вели: „И меѓу беззаконици Го ставија.“