Лука 13:10-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

10. Во една од синагогите Тој поучуваше во сабота.

11. И ете, беше таму една жена која имаше дух на немоќ веќе осумнаесет години. Таа беше згрчена и никако не можеше да се исправи;

12. штом ја виде Исус, ја повика и ѝ рече: „Жено, ослободена си од немоќта своја.“

13. И ги стави рацете Свои врз неа; и таа веднаш стана и Го славеше Бога.

14. А старешината на синагогата, негодувајќи што ја излекува Исус во саботен ден, одговори и му рече на народот: „Има шест дена во кои треба да се работи; тогаш доаѓајте и лекувајте се, а не во сабота!“

15. Но Господ му одговори и рече: „Лицемере, не го одврзува ли секој својот вол, или магаре, од јаслите во саботен ден и не го води ли да го напои?

16. А оваа ќерка Авраамова, што ја врзал сатаната еве веќе осумнаесет години, зарем не требаше да се ослободи од тие ланци во сабота?“

17. И штом го рече ова, сите што беа против Него се засрамија; и целиот народ се радуваше за сите славни дела извршени од Него.

18. А Тој рече: „На што прилега царството Божјо и со што да го споредам?

19. Тоа е како синапово зрно, што го зема човек и го посадува во градината своја, каде што израстува и станува големо дрво; па и птиците небески се вгнездуваат на неговите гранки.“

20. И пак рече: „Со што да го споредам царството Божјо?

21. Тоа прилега на квас што го зема жена и го става во три мери брашно, додека скисне сето.“

22. И по патот за Ерусалим минеше низ градови и села и поучуваше.

23. Некој, пак, Му рече: „Господи, малку ли се оние што ќе бидат спасени?“ А Тој рече:

24. „Потрудете се да влезете низ тесната врата; зашто ви велам: мнозина ќе сакат да влезат и не ќе можат.

25. Кога ќе стане домаќинот и ќе ја затвори вратата на куќата, а вие, стоејќи однадвор, ќе почнете да чукате и да викате: ‚Господи, Господи, отвори ни!‘ Тој ќе ви одговори и ќе ви рече: ‚Не ве познавам од каде сте!‘

26. Тогаш ќе почнете да зборувате: ‚Ние јадевме пред Тебе и пиевме; и по нашите улици Ти поучуваше.‘

27. А Тој ќе рече: ‚Ви велам: не ве познавам од каде сте; отстапете од Мене сите што вршите неправда!‘

28. Таму ќе настане плач и шкрипење со заби, кога ќе го видите Авраам, Исак и Јаков и сите пророци во царството Божјо, а себе – истерани надвор.

Лука 13