23. Ако човек се обрезува во сабота, за да не се наруши Законот Мојсеев, на Мене ли се гневите што цел човек излекував во сабота?
24. Не судете според надворешноста, туку судете со праведен суд!“
25. Тогаш некои од Ерусалим рекоа: „Не ли е Овој што Го бараат да Го убијат?
26. Ете, јавно говори и ништо не Му велат. Да не се увериле и началниците дека е Тој навистина Христос?
27. Но, Овој Го знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос никој не ќе знае од каде е.“
28. Тогаш Исус, поучувајќи во храмот, извика гласно и рече: „И Мене Ме познавате и знаете од каде сум; но Сам од Себе не дојдов, туку Тој што ме прати е Вистинитиот; Него вие не Го познавате.
29. Јас, пак, Го знам, зашто сум од Него и Тој Ме прати.“
30. Тогаш сакаа да Го фатат, но никој не кладе рака на Него, бидејќи уште не беше дошол часот Негов.
31. И мнозина од народот поверуваа во Него и велеа: „Кога ќе дојде Христос, зар ќе направи поголеми чуда отколку што направи Овој?“
32. Чуја фарисеите дека народот така зборува за Него, па испратија фарисеите и првосвештениците слуги да го фатат.
33. Тогаш Исус им рече: „Уште малку време сум со вас, а потоа ќе отидам кај Оној Кој Ме прати.