Јован 7:2-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

2. Се приближуваше, пак, јудејскиот празник Сеници.

3. Тогаш браќата Негови Му рекоа: „Излези одовде и оди во Јудеја, та и учениците Твои да ги видат делата што ги вршиш.

4. Зашто никој не прави нешто тајно кога сака да се прочуе. Ако Ти ги вршиш овие работи, тогаш покажи се пред светот!“

5. Зашто и браќата Негови не веруваа во Него.

6. А на тоа Исус им одговори: „Моето време уште не е дојдено, а за вас времето е секогаш погодно.

7. Светов вас не може да ве мрази, а Мене Ме мрази, зашто Јас сведочам за него дека делата му се лоши.

8. Вие отидете на овој празник; Јас нема да излезам на овој празник, зашто времето Мое сѐ уште не се исполнило.“

9. Откако го рече тоа, остана во Галилеја.

10. Но, штом отидоа браќата Негови, и Тој отиде на празникот, но не јавно, туку некако скришум.

11. А Јудејците Го бараа на празникот и велеа: „Каде е Оној?“

12. И многу расправии имаше меѓу народот за Него; едни зборуваа: „Добар е“, а други велеа: „Не, туку го измамува народот!“

13. Но никој не зборуваше за Него отворено, поради страв од Јудејците.

14. А на средината од празникот, влезе Исус во храмот и поучуваше.

15. И се чудеа Јудејците, велејќи: „Како ги познава Овој Книгите, кога не учел?“

16. Тогаш им одговори Исус и рече: „Учењето Мое не е Мое, туку на Оној што Ме прати;

17. и ако некој сака да ја врши волјата Негова, ќе разбере дали е ова учење од Бога, или Јас Самиот од Себе зборувам.

18. Кој говори самиот од себе, тој си бара своја слава; а кој ја бара славата на Оној што Го пратил, Тој е вистинит и во Него нема неправда.

19. Зар не ви го даде Мојсеј Законот? Но никој од вас не го исполнува Законот. Зошто сакате да Ме убиете?“

20. Народот одговори и рече: „Демонот е во тебе! Кој сака да Те убие?“

21. Одговори Исус и им рече: „Едно дело извршив и сите се чудите.

Јован 7