39. Рече Исус: „Кренете го каменот!“ Марта, сестрата на умрениот, Му рече: „Господи, мириса веќе; има четири дена откако е умрен!“
40. Исус ѝ рече: „Не ли ти реков дека, ако веруваш, ќе ја видиш славата Божја?“
41. Тогаш го дигнаа каменот каде што лежеше умрениот. А Исус ги подигна очите угоре и рече: „Оче, Ти благодарам што Ме услиши.
42. Јас знаев дека Ти секогаш Ме услишуваш; но ова го реков заради народов што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил.“
43. Кога го рече ова, извика со силен глас: „Лазаре, излези надвор!“
44. излезе умрениот, завиткан во платно по рацете и нозете; а лицето забрадено со крпа. Им рече Исус: „Одвиткајте го и оставете го да оди!“
45. Тогаш мнозина од Јудејците што беа дошле со Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него.
46. Некои од нив отидоа кај фарисеите и им рекоа што направи Исус.
47. Тогаш првосвештениците и фарисеите го собраа синедрионот и рекоа: „Што да правиме? Овој Човек прави многу чуда.
48. Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него и ќе дојдат Римјаните, па ќе ни ја одземат и земјата и народот.“