Јован 1:19-38 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

19. И тоа е сведоштвото на Јован, кога Јудејците испратија од Ерусалим свештеници и левити за да го прашаат: „Кој си ти?“

20. Тој призна и не одрече, туку објави: „Не сум јас Христос.“

21. И го прашаа: „Кој си, тогаш? Илија ли си ти?“ И рече: „Не сум.“ „Пророк ли си?“ И одговори: „Не.“

22. А тие му рекоа: „Па кој си, за да можеме да им одговориме на оние што нѐ испратија; што велиш за себе?“

23. Тој рече: „Јас сум глас на оној што вика во пустината: израмнете го Господовиот пат, како што вели пророкот Исаија.“

24. А испратените беа од фарисеите;

25. и го запрашаа велејќи: „Зошто тогаш крштеваш, кога не си Христос, ниту Илија, ниту пророк?“

26. Јован им одговори и рече: „Јас крштевам со вода, но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате.

27. Тој е Оној што иде по мене, Кој беше пред мене, Кому јас не сум достоен да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови.“

28. Ова се случи во Витанија, отаде Јордан, каде што крштеваше Јован.

29. На другиот ден Го виде Јован Исуса како доаѓа кај него и рече: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот врз Себе!

30. Овој е оној, за Кого реков: по мене иде Човек, Кој пред мене беше, бидејќи постоеше пред мене.

31. Јас не Го познавав, но дојдов да крштевам со вода, за Тој да му биде објавен на Израил.“

32. И сведочеше Јован, велејќи: „Го видов Духот да слегува од небото како гулаб и остана над Него.

33. Јас не Го познавав, но Оној, што ме прати да крштевам со вода, Тој ми рече: ‚Врз Кого ќе видиш дека слегува Духот и дека останува над Него, Тој е Оној што ќе крштева со Дух Свети.‘

34. И јас видов и посведочив дека Тој е Син Божји.“

35. А на другиот ден, пак, стоеше Јован и двајца од неговите ученици.

36. И штом Го виде Исуса како оди, рече: „Еве Го Јагнето Божјо!“

37. Кога ги чуја од него тие зборови, обата ученика отидоа по Исуса.

38. А Исус, кога се сврте и виде дека одат по Него, им рече: „Што барате?“ Тие Му одговорија: „Рави што значи – Учителе, каде живееш?“

Јован 1