1. Така и во првиот завет имаше уредби за богослужение и земно светилиште;
2. зашто скинијата беше направена вака: во првиот дел се наоѓаа светилникот, трпезата и изложените лебови; тој дел е наречен „Свето Место“.
3. А зад втората завеса од скинијата беше делот, наречен „Светиња над светињите“;
4. во неа се наоѓаше златната кадилница и од сите страни опкован со злато ковчегот на заветот, во кој стоеја златниот сад со мана и расцутениот жезол на Арон, како и плочите на заветот,
5. а над него – херувими на славата, што го осенуваа чистилиштето; за ова сега нема потреба да се зборува поопширно.
6. При ваков распоред, во првиот дел од скинијата секогаш влегуваа свештениците и извршуваа служба Божја;
7. а во вториот дел влегуваше по еднаш во годината првосвештеникот и тоа не без крв, што ја принесуваше како жртва за себе и за гревовите на народот, направени поради незнаење.
8. Преку ова Светиот Дух покажуваше дека сѐ уште не е отворен патот за светилиштето сѐ додека стои првата скинија,
9. која е симбол на сегашното време, во кое се принесуваат дарови и жртви, кои не можат да го направат совршен по совеста оној што служи,
10. туку се состојат само од јадења и пиења, и разни миења и телесни обреди, установени до времето кога сето ова ќе се исправи.