18. Вие не пристапивте кон планината што може да се опипа и кон разгорениот оган, кон облакот, и темнината, и луњата,
19. и кон трубниот звук, и кон гласот што зборуваше, чии слушачи молеа да не им се зборува веќе,
20. зашто не можеа да го истрпат она што им се заповедаше: „И ѕвер ако се допре до гората, со камења нека биде убиен.“
21. И толку страшна беше глетката, што и Мојсеј рече: „Треперам од страв!“
22. Но вие пристапивте кон Сион и градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим, и кон безбројните ангели, на свечениот собор,
23. кон собранието на првородените, кои се запишани на небесата, и кон Бога, Судијата на сите, и кон духовите на праведниците, што достигнаа совршенство,
24. и кон Исус, Посредникот на Новиот завет, и кон крвта за попрскување, која подобро зборува од Авеловата.