2 Коринтјаните 11:7-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

7. Направив ли грев што, понизувајќи се себе за да ве издигнам вас, бесплатно ви Го проповедам Евангелието Божјо?

8. Други цркви оштетив, добивајќи од нив издршка, да ви служам вам, и додека бев кај вас, иако бев со скудност, ни­кому не дотежнав,

9. зашто во немаштијата моја ми по­могнаа браќата што дојдоа од Ма­ке­до­нија. Па и во сѐ друго се пазев и ќе се пазам да не ви бидам на товар.

10. Поради вистината Христова во мене, оваа пофалба никој нема да ми ја земе во краиштата ахајски.

11. А зошто? Затоа ли што не ве са­кам? Бог знае!

12. Но, она што го правам, ќе го пра­вам и понатаму за да не им дадам повод на оние, кои бараат повод, па да се изедначат со нас во она за кое се фалат.

13. Зашто таквите луѓе се лажни апостоли, лукави работници, кои се пре­пра­ваат во Христови апостоли.

14. И не е за чудење! Па и самиот са­та­на се преправа во ангел на светлината;

15. па затоа и не е големо нешто ако и служителите негови се преправаат како слуги на правдата; но нивниот крај ќе им биде според делата нивни.

16. Повторно велам: никој да не ме смета за безумен; впрочем, барем како безумен примете ме, та и јас да имам со што да се пофалам.

17. А она што го зборувам, не го зборувам по Господ, туку како во безумие, во таа моја смелост во фалбата.

18. Бидејќи мнозина се фалат по телото, ќе се пофалам и јас.

19. Зашто и вие, кои сте мудри луѓе, љубезно ги примивте безумните;

20. зашто вие поднесувате ако некој ве поробува, ако некој ве изедува, ако некој граба, ако некој се гордее, ако некој ве удира по образ.

2 Коринтјаните 11