5. и дека му се јави на Кифа и потоа на Дванаесетте;
6. после им се јави еднаш на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи и до денес, а некои починаа;
7. потоа му се јави на Јаков, и потоа на сите апостоли,
8. а по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче,
9. зашто јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата црква.
10. Со благодатта на Бога сум тоа што сум, и Неговата благодат, која е во мене, не беше напразна, но повеќе се потрудив од сите нив; само не јас, туку Божјата благодат, која е со мене.
11. И така, било јас, или тие, така проповедаме, и вие така поверувавте.
12. И ако се проповеда дека Христос воскреснал од мртвите, како тогаш некои меѓу вас велат дека немало воскресение на мртвите?
13. А штом нема воскресение на мртвите, тогаш и Христос не воскреснал;
14. ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш напразна е нашата проповед, празна е и вашата вера.
15. Би се покажале како лажни сведоци Божји, бидејќи сведочевме против Бога дека Го воскреснал Христос, Кого што не Го воскреснал, ако навистина мртвите не воскреснуваат.