Maтеј 6:15-23 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

15. Но, ако вие не им простувате на луѓето, ни вашиот небесен Татко нема вам да ви ги прости вашите гревови.“

16. „И кога постите, не бидете намуртени како лицемерите; тие си го изобличуваат лицето за да забележат луѓето дека постат. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема!

17. А ти, кога постиш, дотерај си ја косата и разведри си го лицето,

18. за да не те познаат луѓето дека постиш; доволно е што знае твојот небесен Татко, Кој го гледа тоа што е тајно, за што ќе те награди јавно. “

19. „Не напластувајте си богатство овде на Земјава, каде што молци и ’рѓа го уништуваат и крадци провалуваат и го крадат,

20. туку напластувајте си богатство на небото, каде што ни молци ни ’рѓа го уништуваат, ниту пак крадци провалуваат и крадат.

21. Зашто, каде што ви е богатството, таму ќе ви биде и срцето.

22. Очите се светилка за телото; ако ти се здрави очите, целото тело ќе ти биде осветлено;

23. ако, пак, очите не ти се добри, целото тело ќе ти биде затемнето. Значи, ако тоа што во тебе треба да е светлина, всушност е темнина, колку ли е црна темнината!?

Maтеј 6