Maтеј 27:41-61 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

41. На сличен начин Му се подбиваа и свештеничките поглавари, старешините и вероучителите. Тие говореа:

42. „Други спасуваше, а Самиот не може да се спаси! Тој ми бил цар на Израел! Нека се симне сега од крстот, па ќе Му веруваме!

43. На Бога се повикуваше, сега Тој нека Го избави, ако Му е навистина мил! Нели Самиот тврдеше дека е Божји Син!?“

44. На ист начин Го навредуваа и со Него распнатите злосторници.

45. Меѓу дванаесет и петнаесет часот над целата земја се спушти густа темнина.

46. Околу петнаесет часот, Исус извика со силен глас: „Ели, Ели, л’ма ш’вактани?“ што во превод значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!?“

47. Некои од присутните Го слушнаа ова и рекоа: „Го довикува пророкот Илија!“

48. Еден од нив веднаш истрча, накваси сунѓер во оцет, го закачи на врвот од трска и Му понуди на Исус да се напие.

49. Другите, пак, говореа: „Чекајте, да видиме дали ќе дојде Илија да Го спаси!“

50. Исус уште еднаш извика со силен глас и умре.

51. Во тој миг, завесата во храмот се расцепи на два дела озгора додолу. Земјата се тресеше и карпите распукнуваа!

52. Гробници се отворија и телата на голем број починати праведници воскреснаа!

53. Тие излегоа од гробниците и по Исусовото воскресение дојдоа во светиот град и им се покажаа на многу луѓе.

54. Римскиот офицер и војниците кои стражареа крај Исус го почувствуваа земјотресот, а ги забележаа и останатите случки. Од тоа многу се исплашија и говореа: „Овој човек навистина беше Божјиот Син!“

55. Тука беа присутни и голем број жени, кои уште од Галилеја Го придружуваа Исуса и Му помагаа.

56. Меѓу нив беа: Марија од градот Магдала, Марија мајката на Јаков и Јосиф, и мајката на Завдаевите синови, Јаков и Јован.

57. Таа вечер, еден богат човек од Ариматеја, кој се викаше Јосиф, а беше Исусов ученик,

58. дојде кај Пилат и го побара Исусовото тело.

59. Пилат одобри да му се даде. Тогаш Јосиф го зеде телото, го завитка во чисто платно

60. и го положи во својата нова, дотогаш некористена гробница, издлабена во карпа. На отворот постави голем камен и си замина.

61. Спроти гробницата останаа да седат Марија Магдалена и другата Марија.

Maтеј 27