Maтеј 13:22-31 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

22. Трнливата почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака, но прекумерната грижа за овој живот, како и занесот по збогатување ја задушуваат пораката во нив и тие остануваат бесплодни.

23. Плодната почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака и се трудат да ја разберат. Тоа семе ќе донесе плод: некаде по сто, некаде по шеесет, а некаде по триесет зрна.“

24. Потоа Исус им кажа уште една споредба: „Небесното царство може да се спореди со човек што посеал чисто пченично семе во својата нива.

25. Но, додека луѓето спиеле, дошол неговиот непријател, посеал какол меѓу пченицата и си заминал.

26. Кога посеаното порасна и заврза плод, се покажа и каколот.

27. Дојдоа слугите кај домаќинот и му рекоа: ,Господару, зар ти не беше посеал чисто семе на твојата нива? Од каде сега се појави овој какол?‘

28. А тој им одговори: ,Тоа ми го направи непријателот!‘ Тогаш слугите му рекоа: ,Сакаш ли да појдеме и да го искорнеме каколот?‘

29. ,Немојте‘ им одговори тој ,зашто, корнејќи го каколот, со него ќе го искорнете и житото.‘

30. Оставете ги, нека растат заедно до жетвата. Тогаш ќе им наредам на жетварите: ,Издвојте го најнапред каколот, врзете го во снопови и изгорете го, а житото соберете го во Моите складови!‘“

31. Потоа, Исус им кажа уште една споредба: „Небесното царство може да се спореди со синапово зрно што некој ќе го посее во својата нива.

Maтеј 13