31. Тој сакаше да го мине времето поучувајќи ги само Своите ученици. Им зборуваше дека Тој, Синот Човечки, ќе им биде предаден на луѓето и дека тие ќе Го погубат, но и тоа дека три дена по погубувањето Тој ќе воскресне од мртвите.
32. Тие не сфаќаа за што зборува, а се плашеа да Го распрашуваат околу тоа.
33. Потоа Исус и Неговите ученици отидоа во Неговата куќа во градот Кафарнаум. Таму, во куќата, Исус ги праша: „За што се расправавте по патот?“
34. Тие молчеа, бидејќи расправијата беше околу тоа, кој од нив е најважен.
35. Седнувајќи, Исус ги повика дванаесеттемина Свои ученици да се соберат околу Него, па им рече: „Тој што сака почесно место меѓу вас, треба да им биде како слуга на сите!“
36. Потоа Исус повика едно дете, го исправи пред нив, го гушна и рече:
37. „Секој што во Мое име ќе прифати едно од овие деца, Ме прифаќа Мене. Прифаќајќи Ме Мене, Го прифаќа и Оној што Ме испрати.“
38. Јован Му рече на Исус: „Учителе, сретнавме еден човек кој се користи со Твоето име и изгонува демони. Да му забраниме да го прави тоа, бидејќи тој не и припаѓа на нашата група!“
39. Но Исус им одговори на Своите ученици: „Немојте да му забранувате! Тој што извршува чуда во Мое име, нема толку лесно да се сврти против Мене.
40. Кој не е против нас, тој е за нас.