11. Потоа учениците Го прашаа Исуса: „Зошто вероучителите велат дека пред да се појави Месијата, треба да дојде Илија?“
12. Исус им одговори: „Бездруго, најпрво ќе дојде Илија, за да подготви сe. Но, зар Светото Писмо не го вели и тоа дека Синот Човечки многу ќе настрада и дека ќе биде отфрлен?
13. Ве уверувам дека Илија веќе дојде, но луѓето постапија со него како што сакаа - токму како што е претскажано во Светото Писмо!“
14. Кога Исус и тројцата Негови ученици се вратија кај другите ученици, забележаа голема толпа народ и вероучители како се расправаат со нив.
15. Луѓето се изненадија при појавата на Исус и веднаш Му потрчаа во пресрет да Го поздрават.
16. Исус ги запраша: „За што се расправавте?“
17. Еден човек од народот Му одговори: „Учителе! Го носев син ми кај Тебе. Обземен е од демонски дух и нем е.
18. Кога ќе добие напад паѓа наземи, устата му пени, крцка со забите и се вкочанува. Ги замолив Твоите ученици да го ослободат од демонскиот дух, но тие не можеа.“
19. Тогаш Исус рече: „Ах, безверен народе! До кога ќе морам да бидам со вас и да ве поднесувам!? Доведете го момчето кај Мене!“