Марко 14:47-65 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

47. Еден од присутните извлече нож и замавнувајќи му го отсече увото на слугата на Првосвештеникот.

48. А Исус им рече: „Што сте излегле против Мене со мечеви и со стапови?

49. Секојдневно седев со вас во храмот и поучував, ама не Ме уапсивте. Но мора да се исполнат запишаните претскажувања за Мене.“

50. Тогаш сите ученици на Исус се разбегаа и Го напуштија.

51. По Него одеше само едно момче наметнато со платно на голото тело.

52. Се обидоа и него да го фатат, влечејќи го за платното, но момчето го остави платното и им побегна.

53. Исус беше доведен кај Првосвештеникот. Таму се собраа сите свештенички поглавари, народни старешини и вероучители.

54. Петар Го следеше оддалеку, сe до дворот на Првосвештеникот. Таму седна да се грее околу огнот, заедно со чуварите.

55. Свештеничките поглавари и целиот Врховен совет сакаа да Го погубат Исуса и затоа бараа сведоци против Него, но не најдоа.

56. Всушност, се јавија многу лажни сведоци, но нивните обвиненија не се совпаѓаа.

57. Тогаш станаа некои луѓе и изнесоа лаги, велејќи:

58. „Лично Го чувме како вели: ,Ќе го разурнам овој храм изграден со човечка рака и за три дена ќе изградам друг што нема да биде изграден од човечка рака!‘“

59. Но и нивните обвинувања не се совпаѓаа едни со други.

60. Конечно, пред присутните стана Првосвештеникот и Му се обрати на Исус: „Зар нема ништо да одговориш на овие обвинувања против Тебе!?“

61. Исус молчеше и ништо не одговараше. Првосвештеникот Му постави на Исус уште едно прашање: „Ти ли си Месијата, Синот на Преславниот Бог?“

62. „Да, Јас Сум!“ - Му одговори Исус и додаде: “Наскоро ќе Ме видите Мене, Синот Човечки, како седам оддесно на Семоќниот и како доаѓам на небесните облаци!“

63. На ова, Првосвештеникот си ја раскина облеката и рече:

64. „Зар ни се потребни други сведоци!? Го чувте Неговото богохулство! Што предлагате?“ Сите се сложија дека Исус заслужува смртна казна.

65. Тогаш некои од луѓето почнаа да Го плукаат Исуса. Му ги врзаа очите, Го удираа со тупаници и Му велеа: „Погоди кој те удри!“ И чуварите Го удираа по главата.

Марко 14