Лука 9:11-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

11. Но кога луѓето разбраа каде е, се упатија кон Него. Тој ги прими и им говореше за Божјото царство и ги исцелуваше сите оние на кои им требаше оздравување.

12. При квечерината, кај Исус дојдоа Неговите дванаесетмина ученици и Му рекоа: „Пушти ги луѓето да отидат до околните села и куќи и да си најдат преноќевалиште и храна, зашто местово е пусто.“

13. Но Исус им рече: „Дајте им вие нешто да јадат.“ Тие Му одговорија: „Имаме само пет леба и две риби; освен ако сакаш да појдеме и да купиме храна за сите овие луѓе.“

14. А имаше околу пет илјади мажи. Исус им рече на учениците: „Нека поседнат луѓето во групи од по педесет души.“

15. Така и направија, ги испоседнаа сите луѓе.

16. Исус ги зеде петте леба и двете риби, и со поглед кон небото ги благослови и ги раскрши. Потоа им подаде на учениците да им ги разделат на луѓето.

17. Сите јадеа и се наситија, а собраа и дванаесет кошници остатоци.

18. Еднаш, кога Исус се молеше на тивко место, со Него беа само Неговите ученици. Тогаш Тој ги праша: „За Кого Ме сметаат луѓето?“

19. Тие Му одговорија: „Едни велат дека си Јован Крстител, други дека си пророкот Илија, а трети дека си еден од старите пророци кој воскреснал од мртвите.“

Лука 9