Лука 2:37-46 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

37. Таа беше постојано во храмот и Му служеше на Господ и дење и ноќе, постејќи и молејќи се.

38. Токму кога Симон разговараше со Јосиф и Марија, таа пријде и почна да Го слави Бога и да им зборува за Исус на сите што очекуваа да се појави ветениот Цар, Кој ќе го избави Ерусалим.

39. Кога Јосиф и Марија извршија сe што беше пропишано според Господовиот Закон, се вратија во својот град, Назарет, во покраината Галилеја.

40. Таму Детето растеше и закрепнуваше; беше полно со мудрост, а Бог Му беше особено благонаклонет.

41. Родителите на Исус одеа секоја година во Ерусалим, за време на празникот Пасха.

42. Кога Исус имаше дванаесет години, тие отидоа со Него на празникот, како и обично.

43. По празникот, тие тргнаа дома, а Исус остана во Ерусалим без знаење на Неговите родители.

44. Мислејќи дека е некаде меѓу патниците, тие патуваа цел ден, барајќи Го меѓу роднините и пријателите.

45. Бидејќи не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат таму.

46. По три дена Го најдоа во храмот, каде што седеше со еврејските учители, ги слушаше и им поставуваше прашања.

Лука 2