18. Јас сведочам за Себе и Мојот Татко што Ме испрати сведочи за Мене.“
19. Тогаш тие Го прашаа: „Каде е Твојот Татко?“ Исус им одговори: „Ниту Мене Ме познавате, ниту Мојот Татко Го познавате! Кога би Ме знаеле Мене, би Го знаеле и Мојот Татко!“
20. Овие зборови Тој ги кажа кај ризницата, додека поучуваше во храмот и никој не Го уапси, зашто се уште не беше дошол Неговиот час.
21. Потоа Исус повторно им се обрати и им рече: „Јас си заминувам, а вие ќе Ме барате, но ќе умрете со непростени гревови! Вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам!“
22. Еврејските верски водачи си велеа: „Да не изврши самоубиство, штом вели: ,Вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам!‘?“
23. Исус им рече: „Вие му припаѓате на овој свет долу, а Јас доаѓам од горе. Вие сте од овој свет, а Јас не сум од овој свет.
24. Затоа ви реков дека ќе умрете со непростени гревови. Ако не поверувате дека Јас Сум Тој што Сум - ќе умрете со непростени гревови!
25. „Кој си Ти?“ - Го прашаа тие. Исус им одговори: „Што ви кажував од почетокот?
26. Имам многу работи за вас да зборувам и за многу нешта да ве судам, но нема да го сторам тоа. Оној што Ме испрати е вистинит и Јас го зборувам само она што сум го чул од Него.“
27. Тие не сфатија дека им зборува за небесниот Татко.
28. Исус продолжи: „Кога ќе Го подигнете Синот Човечки, тогаш ќе дознаете дека Јас Сум Тој што Сум и дека Сам од Себе ништо не правам, туку ги зборувам овие работи онака како што Ме упати Таткото.
29. Тој што Ме испрати е со Мене. Тој не Ме остава Сам, затоа што Јас секогаш постапувам онака како што Тој сака да постапувам.“