Јован 12:19-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

19. Тогаш фарисеите си рекоа: „Гледате дека се е залудно! Целиот народ тргна по Исус!“

20. А меѓу оние што дојдоа на поклонение за време на празникот имаше и некои Грци.

21. Тие му пристапија на Филип, кој беше од Бетцаида во Галилеја, и му рекоа: „Господине, сакаме да се сретнеме со Исус!“

22. Филип отиде и му кажа на Андреј. Потоа, Андреј и Филип отидоа заедно и Му кажаа на Исус.

23. Тогаш Исус им одговори: „Дојде време Синот Човечки да влезе во Својата слава.

24. Ве уверувам дека, доколку пченичното зрно не падне во земјата и не умре, тоа ќе остане само едно зрно. Ако, пак, умре, тоа ќе произведе многу нови зрна.

25. Човек што себично сака да си го задржи животот, ќе го загуби, а оној што мрази да го живее својот живот само на овој свет, ќе добие вечен живот.

26. Кој сака да Ми служи, тој мора да Ми се придружи, зашто и Мојот слуга треба да биде таму каде што сум Јас. А секој што Мене Ми служи, ќе биде почитуван од Мојот небесен Татко.“

27. „Сега душата Ми е длабоко потресена, но што да кажам? Зар да се молам: ,Татко, поштеди Ме од ова што Ме очекува?‘ Па токму за таа цел дојдов на овој свет!

28. Татко, прослави го Своето име!“ Тогаш се чу глас од небото: „Веќе Го прославив и одново ќе го прославам!“

29. Многубројниот народ што стоеше и го слушна гласот, велеше: „Загрме!“ Други велеа: „Ангел Му проговори!“

30. Исус им одговори: „Овој глас не се јави заради Мене, туку заради вас.

Јован 12