14. Зборот стана човек и живееше меѓу нас. Ние ја видовме Неговата слава - славата што Тој ја прими како Единороден Син од небесниот Татко. Тој беше полн со љубов и искреност.
15. Јован посведочуваше за Него и викаше, велејќи: „Ова е Оној за Кого реков: ,По мене доаѓа еден Човек, Кој е поголем од мене, зашто Тој постоеше уште пред да се родам јас!‘“
16. Од Неговата полнота сите ние примивме благослов врз благослов,
17. зашто Законот беше даден преку Мојсеј, а Исус Христос ни ги донесе љубовта и вистината.
18. Никој, никогаш не Го видел Бога; но имаме објава за Него, преку Единородниот Син - Кој е Бог, и Кој произлегува од Таткото.
19. Кога еврејските верски водачи од Ерусалим испратија кај Јован Крстител свештеници и левити за да го прашаат: „Кој си ти?“ - Јован им кажа отворено,
20. тој призна и не порекна, туку им рече: „Јас не сум Месијата!“
21. „Тогаш, кој си?“ - го запрашаа тие пак - „Илија ли си?“ „Не сум!“ - им одговори Јован. „Пророкот ли си?“ „Не сум!“ - одговори тој.
22. „Кажи ни кој си, зашто мораме да им однесеме одговор на оние што не пратија!“ - му рекоа тогаш тие. „Кажи, како се претставуваш себеси?“
23. Јован им одговори цитирајќи го пророкот Исаија: “Јас сум глас што вика во пустината: подгответе го патот за Господ!“