Дела Ап. 2:20-37 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

20. Сонцето ќе поцрни, а Месечината ќе се вцрви како крв, пред да дојде тој голем и славен Господов ден.

21. Тогаш секој што ќе го повика името Господово ќе биде спасен.‘

22. Израелци, слушнете ги овие зборови: Бог јавно го поддржа Исуса од Назарет, со тоа што преку Него изврши многу чуда, несекојдневни работи и чудотворни докази. Тоа и самите добро го знаете.

23. Но се случи онака како што беше определено и предвидено од сезнајниот Бог: вие Го предадовте Исуса и со помош на еден паганин, Го распнавте на крст и Го убивте.

24. Но Бог Го воскресна, ослободувајќи Го од смртта која очајнички настојуваше да Го задржи, но не можеше.

25. За Него, Давид вели: ?Знам дека Господ е постојано со мене, Тој ми е оддесно - нема да потклекнам!

26. Поради тоа срцето ми е весело, и душата ми се радува; а и телото во надеж ќе ми почива,

27. зашто Ти во гробот нема да ме оставиш, ниту ќе дозволиш Твојот Светец да доживее распаѓање.

28. Ти ми го објави патот на животот, Твоето присуство ќе ме исполни со радост.‘

29. Луѓе, браќа, јасно е дека нашиот прататко Давид овде не зборува за себе, зашто тој умре, беше погребан и неговиот гроб е тука, меѓу нас, се до денешен ден.

30. Но бидејќи беше пророк и знаеше дека Бог му се беше заколнал оти потомок од неговите бедра ќе седи на неговиот престол,

31. претскажувајќи за тоа, тој зборуваше за воскреснувањето на Христос, Кој, ниту беше оставен во гробот, ниту Неговото тело доживеа распаѓање.

32. Бог Го воскресна Исуса и сите ние сме сведоци за тоа.

33. Откако беше вознесен и поставен од десната страна на Бог, и откако го прими Светиот Дух што Му беше ветен од небесниот Татко, Го излеа врз нас, како што вие сега гледате и слушате.

34. Зашто, самиот Давид не се вознесе на небото, а сепак рече: “Му рече Јахве на мојот Господ: ,Седни на почесното место, од Мојата десна страна,

35. додека не ги претворам Твоите непријатели во чергиче што ќе го газат стапалата Твои!‘“

36. Затоа нека знаат сите Израелци и нека бидат уверени дека Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Месија!“

37. Ова што го слушнаа до срце ги прободе, па им рекоа на Петар и на другите апостоли: „Луѓе, браќа, што да правиме?“

Дела Ап. 2