1 Коринтјаните 9:12-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

12. Ако други луѓе имаат такво право на издршка од вас, зар ние не сме позаслужни од нив? Сепак, ние не го искористивме тоа право. Поднесуваме се, само да не создаваме пречки за ширењето на Радосната вест од Христос.

13. Зар не знаете дека оние што ги извршуваат светите служби во храмот се издржуваат од подароците донесени во храмот, а и оние што служат на жртвеникот добиваат дел од принесеното?

14. Така Господ определи и оние што ја проповедаат Радосната вест, од тоа да се издржуваат.

15. Сепак, јас не искористив ниту едно од овие права и не ви го пишувам ова за да барам од вас издршка. Попрво ќе умрам, ама нема да дозволам некој да ми ја уништи репутацијата дека работам без надомест.

16. Тоа што ја проповедам Радосната вест не го сметам за причина да се фалам. Се чувствувам должен тоа да го работам и тешко мене ако не ја проповедам Радосната вест!

17. Да го работев тоа по моја лична определба, ќе заслужував надомест. Но за мене тоа е обврска што Бог ми ја довери.

18. Тогаш, каква награда добивам јас? Тоа е честа да ја проповедам Радосната вест, без да имам материјална корист и без да ги искористувам правата што ми следуваат како на проповедник.

1 Коринтјаните 9