Судии 18:3-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

3. Бидејќи беше близу до Михината куќа, го познаа гласот на младиот левит; навратија таму па го прашаа: „Кој те доведе ваму? Што правиш тука? И зошто си тука?”

4. А тој им одговори: „Миха направи така и така за мене. Тој ме глави, а јас му служам како свештеник.”

5. ”Прашај Го Бога - му рекоа - да знаеме дали ќе ни успее патот по кој одиме?”

6. ”Одете во мир - им одговори свештеникот - патот по кој што тргнавте е по Господова волја.”

7. Тогаш оние петмина отидоа и стигнаа во Лаис. И видоа дека народот што е во него живее без страв - според обичајот на Сидонците: безгрижно и мирно; дека имаат сè што раѓа земјата; дека се далеку од Сидонците и дека немаат никакви односи со други.

8. Кога се вратија при своите браќа во Сараја и во Естаол, браќата ги прашаа: „Што научивте?”

9. Тие одговорија: „На нозе! Да се нафрлиме врз нив! Земјата што ја видовме е многу добра. О вие, мрзливци! Не се двоумете да се нафрлите за да ја освоите земјата.

10. Кога ќе дојдете, ќе најдете таму безгрижен народ. Земјата е пространа. Бог го предава во ваши раце местото што не е скудно во ништо што раѓа земјата!”

11. Така оттаму тргнаа шест стотини вооружени луѓе од Дановото племе од Сараја и од Естаол.

12. Тргнаа и се влогорија во Киријат-Јарим во Јуда. Затоа тоа место се вика до денешниот ден Махане-Дан (Данов Логор), а се наоѓа западно од Киријат-Јарим.

13. Оттаму се запатија во Ефремовата Гора и дојдоа до Михината куќа.

14. А оние петмина, кои беа отишле да ја согледуваат земјата, им рекоа на своите браќа: „Знаете ли дека во куќава имаат наплеќник, терафим и леан кип. Сега внимавајте што ќе правите.”

15. Завртувајќи, тие влегоа во куќата на младиот левит, во Михината куќа, и го поздравија.

16. И додека шест стотини вооружени луѓе од Дановите синови стоеја пред вратата,

17. оние петмина, кои отидоа да ја извидат земјата, влегоа, ги зедоа наплеќникот, терафимот и леаниот кип, а свештеникот стоеше на прагот покрај шест стотини вооружени луѓе.

18. Кога влегоа во Михината куќа и ги зедоа наплеќникот, терафимот и леаниот кип, свештеникот им рече: „Што правите?”

19. ”Молчи - му одговорија. - Стави ја раката на уста и дојди со нас. Ќе ни бидеш татко и свештеник. Зар ти е подобро да бидеш свештеник во куќата на еден човек, отколку да бидеш свештеник на едно племе и род во Израел?”

20. Свештеникот се зарадува; тој ги зеде наплеќникот, терафимот и режаниот и леан кип па отиде со луѓето.

21. Се вратија на патот по кој што тргнаа, отидоа откако ги пуштија напред жените и децата, добитокот и скапоценостите.

Судии 18