Судии 13:9-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. Господ го послуша Маноја, и Господовиот Ангел дојде пак кај жената додека седеше во полето. Маној, нејзиниот маж, не беше покрај неа.

10. Жената отрча брзо за да го извести мажот и му рече: „Ете, ми се јави човекот, кој дојде кај мене во оној ден.”

11. Маној стана, тргна по жената, и кога дојде при човекот, го праша: „Дали си ти оној, кој зборуваше со женава?” А тој одговори: „Јас сум.”

12. ”Кога ќе се исполни она што си го рекол - пак рече Маној - според кои прописи и како треба да се постапува со детето?”

13. Господовиот Ангел му одговори на Маноја: „Жената нека се чува од сè што и забранив.

14. Нека не ужива ништо што доаѓа од виновата лоза, нека не пие ни вино ни жестоки пијалаци, нека не јаде ништо нечисто, и нека пази сè што и заповедав.”

15. Тогаш Маној му рече на Господовиот Ангел: „Со задоволство ќе те задржиме и ќе те нагостиме со јаре.”

16. На тоа Господовиот Ангел му рече на Маноја: „ И да ме задржиш, јас не ќе јадам од твоето јадење, туку ако сакаш да жртвуваш паленица, принеси Му ја на Господа.” Маној не знаејќи дека тоа е Господов Ангел,

17. и му рече на Господовиот Ангел: „Како ти е името, за да можеме да те почестиме кога ќе се исполни она што го рече.”

18. Господовиот Ангел му одговори: „Зошто прашуваш за моето име? Тоа е таинствено.”

Судии 13