7. Но Јефтај им одговори на галадските старешини: „Нели вие ме мразевте и нели ме изгонивте од куќата на татка ми? Зошто доаѓате сега при мене, а кога сте во неволја?”
8. Галадските старешини му рекоа на Јефтај: „Затоа дојдовме при тебе: дојди со нас, поведи војна против Амонците, и ќе ни бидеш главатар нам и на сите во Галад.”
9. Јефтај ги праша галадските старешини: „Ако ме одведете назад за да војувам против Амонците, па ако Господ ми ги предаде мене, ќе бидам ли ваш главатар?”
10. ”Господ нека биде сведок меѓу нас - му одговорија на Јефтаја градските старешини - дека ќе постапиме според твоето слово!”
11. И Јефтај отиде со старешините на Галад. Народот го постави за свој главатар и војвода; а Јефтај ги повтори сите свои услови пред Господа во Миспа.
12. Тогаш Јефтај му испрати пратеници на царот на Амонците со порака: „Што има меѓу тебе и мене па си дошол да војуваш против мојата земја?”
13. Царот на Амонците им одговори на Јефтаевите посланици: „Во времето кога излегуваше од Египет, Израел ја зазеде мојата земја од Арнон до Јавок и до Јордан. Затоа сега врати ми ја доброволно!”
14. Јефтај повторно му испрати пратеници на царот на Амонците,
15. и му порача: „Вака зборува Јефтај: ‘Израел не зеде ни моавска ни амонска земја,
16. туку, откако излезе од Египет, Израел помина преку пустината до Црвеното Море и дојде до Кадис.
17. Тогаш Израел му испрати пратеници на едомскиот цар со молба: Сакам да поминам низ твојата земја! Но едомскиот цар не ги послуша. Ги испрати и при моавскиот цар, но и тој не сакаше, та Израел остана во Кадис.
18. Потоа преку пустината ги заобиколи Едомската и Моавската Земја и дојде на исток од Моавската Земја. Народот постави логор од онаа страна на Арнон не преминувајќи ја границата на Моав, зашто Арнон беше моавска меѓа.
19. Потоа Израел му испрати пратеници на Сион, аморејскиот цар, кој владееше во Есевон, и му порача: „Пушти ме да поминам низ твојата земја до местото што ми е одредено.”