Псалми 119:84-103 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

84. Колку денови има Твојот слуга? Кога ќе ги судиш моите гонители?

85. Гордите ми ископаа јама: тие не работат според Твојот Закон.

86. Сите Твои заповеди се вистински: невин ме гонат, помогни ми!

87. За малку ќе ме погубеа во земјата, но јас не ги оставам Твоите наредби.

88. Оживеј ме според Твојата милост, и ќе ги чувам сведоштвата на Твојата уста.

89. ЛАМЕД. О Господи, Твојот збор останува довека, постојан како небесата.

90. Твојата милост е од род до род; ја зацврсти земјата, и таа стои.

91. Стојат засекогаш според Твоите закони, зашто сè Ти служи Тебе.

92. Да не е Твојот Закон: мое уживање, би пропаднал во мојата неволја.

93. Нема да ги заборавам Твоите наредби довека, зашто преку нив Ти ме оживуваш.

94. Твој сум, спаси ме; зашто јас ги барам Твоите наредби.

95. Грешниците дебнат за да ме погубат, но јас внимавам на Твоите сведоштва.

96. Му ја гледам границата на секое совршенство, а Твојата заповед нема граница.

97. МЕМ. О, колку го љубам Твојот Закон, по цел ден размислувам за него.

98. Твојата заповед ме направи помудар од моите непријатели, зашто таа е вечно со мене.

99. Поумен сум од сите мои учители, зашто размислувам за Твоите сведоштва.

100. Поразумен сум и од старците, зашто ги чувам Твоите наредби.

101. Воздржи ги моите нозе од лошиот пат, за да го запазам Твојот збор.

102. Не отстапувам од Твоите судови, зашто Ти ме поучи.

103. Колку се слатки на моето непце Твоите зборови, послатки се од мед во мојата уста.

Псалми 119