Матеј 27:54-66 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

54. А стотникот и оние, кои со него Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сè што стана, се уплашија многу и рекоа: „Навистина, Овој беше Божји Син!”

55. А таму беа и гледаа оддалеку многу жени, кои Го следеа Исуса од Галилеја и Му служеа.

56. Меѓу нив беа: Марија Магдалена и Марија, мајката Јаковова и Јосиева, и мајката на Зеведеевите синови.

57. А кога се стемни, дојде богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој и самиот беше Исусов ученик;

58. тој отиде при Пилата и го побара Исусовото тело. Тогаш Пилат нареди да му биде дадено.

59. И Јосиф го зеде телото, го завитка во чисто платно

60. и го положи во својот нов гроб, што го беше издлабил во карпа. И навали голем камен на гробната врата и си отиде.

61. А Марија Магдалена и другата Марија, седеа таму спроти гробот.

62. А на идниот ден, по подготвувањето, првосвештениците и фарисеите се собраа кај Пилата

63. и му рекоа: „Господаре, се сетивме дека оној измамник, уште додека беше жив, рече: „Ќе воскреснам по три дни.”

64. Затоа, заповедај да биде чуван гробот до третиот ден, за да не дојдат Неговите ученици да Го украдат, и да му речат на народот: ‘Воскресна од мртвите,’ и последната измама ќе биде полоша од првата.”

65. Пилат им рече: „Ене ви стража; отидете и чувајте како што знаете!”

66. Тие отидоа и го обезбедија гробот, го запечатија каменот - со стража.

Матеј 27