Матеј 25:1-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. „Тогаш Небесното царство ќе биде како десет девици, кои ги зедоа своите светилници и му излегоа во пресрет на младоженецот.

2. Петте од нив беа неразумни, а петте мудри.

3. Зашто неразумните зедоа со себе светилки, но не зедоа масло;

4. а мудрите зедоа масло, во садовите, со своите светилници.

5. Бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа.

6. А на полноќ се чу викање: ‘Еве го младоженецот, излезете му во пресрет!’

7. Тогаш сите оние девици станаа и ги приготвија своите светилки.

8. А неразумните им рекоа на мудрите: ‘Дајте ни од вашето масло, зашто нашите светилници ни гаснат.’

9. Но мудрите им одговорија и рекоа: ‘За да не биде малку и за нас и за вас, отидете кај трговците и купете си!’

10. Кога отидоа да купат, младоженецот дојде и спремните влегоа со него на свадбата, и вратата се затвори.

11. А потоа дојдоа и другите девици и рекоа: ‘Господаре, господаре, отвори ни!’

12. Но тој им одговори и рече: ‘Вистина ви велам - не ве познавам!’

13. И така - бдејте, зашто не го знаете ни денот ни часот!”

14. ”Зашто ќе дојде како човек, кој - тргнувајќи на пат - ги повика своите слуги и им го предаде својот имот,

15. и на едниот му даде пет таланти, на другиот два, на третиот еден, секому според неговата способност, и отпатува.

16. Оној, кој прими пет таланти, веднаш отиде, и тргуваше со нив и спечали други пет.

17. Исто така, и оној со двата таланти, спечали други два.

18. А оној, кој прими еден отиде, ископа во земјата и го сокри среброто на својот господар.

Матеј 25