Матеј 23:13-31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои го затворате Небесното царство пред луѓето; зашто самите не влегувате, ниту ги пуштате внатре оние, кои сакаат да влезат.”

14. ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги подјадувате домовите на вдовиците, и заради причина се молите долго. Затоа ќе добиете поголема осуда!”

15. ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои ги обиколувате морето и копното, за да придобиете еден прозелит, и кога ќе стане тоа, го правите син на пеколот, двапати полош од себе!”

16. ”Горко вам, слепи водачи, кои велите: ‘Ако некој се заколне во Храмот, не е ништо; ако пак се заколне во црковното злато, тогаш е обврзан!’

17. Безумни и слепи! Што е поголемо: златото или Храмот, што го осветува златото?

18. И: ‘Ако некој се заколне во жртвеникот, не е ништо; а ако се заколне во дарот, што е врз него, тогаш е обврзан.’

19. Слепци! Што е поголемо: дарот или жртвеникот, што го осветува дарот?

20. И така, кој се колне во жртвеникот, се колне во него и во сè што е врз него.

21. И кој се колне во Храмот, се колне во него и во Оној, Кој живее во него.

22. И кој се колне во небото, се колне во Божјиот престол и во Оној, Кој седи на него.”

23. ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои давате десеток од нане, копра и кимин, а го оставивте поважното во Законот: правдата, милоста и верата. Ова требаше да се прави, а она да не се остава!

24. Слепи водачи! Вие го цедите комарецот, а ја проголтувате камилата.”

25. ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои ја чистите надворешноста на чашата и чинијата, а внатре сте полни со грабеж и лакомост!

26. Слепи фарисеју! Очисти ја најнапред внатрешноста на чашата, за да и биде чиста и надворешноста!”

27. ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти приличите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистота!

28. Така и вие однадвор им се покажувате праведни на луѓето, а внатре сте полни со лицемерство и беззаконие.”

29. ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои им градите гробови на пророците и им ги украсувате спомениците на праведните,

30. и велите: „ Ако живеевме во деновите на нашите татковци, не ќе бевме нивни соучесници во крвта на пророците.”

31. Така сведочите за себе, дека сте синови на оние, кои ги убиле пророците.

Матеј 23