13. Тогаш некој од народот Му рече: „Учителе, кажи му на брата ми да го подели наследството со мене!”
14. А Тој му рече: „Човеку - кој Ме поставил Мене судија или делител над вас?”
15. И им рече: „Внимавајте и чувајте се од секое користољубие, зашто животот на човекот не се состои во изобилството на неговиот имот!”
16. И им кажа и парабола, велејќи: „Нивата на еден богат човек роди многу плод.
17. И размислуваше во себеси вака: ‘Што да правам, зашто немам каде да ги соберам своите плодови?’
18. И рече: ‘Вака ќе направам - ќе ги разурнам своите житници и ќе изградам поголеми, и таму ќе ги соберам сето свое жито и сите свои добра.
19. Тогаш ќе и речам на својата душа - душо, имаш многу блага, натрупани за многу години; почивај, јади, пиј и уживај!’
20. Но Бог му рече: ‘Безумниче, ноќеска ќе ти се побара твојата душа! Чие ќе биде тоа, што си го приготвил?’
21. Така бидува со оној, кој собира благо за себеси, а не се богати во Бога.”
22. Уште им рече на Своите ученици: „Затоа ви велам: не грижете се за својата душа - што ќе јадете; ниту за телото свое - што ќе облечете;
23. зашто душата е повеќе од храната, а телото од облеката.
24. Погледнете ги гавраните како ни сејат, ни жнијат; немаат ни скривалишта, ни житници, а Бог ги храни. Колку повеќе вредите од птиците!