2. А во Ерусалим, при Овчата Врата, има бања со пет тремови, на еврејски наречена Витезда.
3. Во нив лежеа мнозина болни; слепи, хроми и суви, (кои чекаа да се раздвижи водата.
4. Зашто, ангел, одвреме на време, слегуваше во бањата и ја раздвижуваше водата, а кој прв ќе влезеше - откако ќе се разбрануваше водата - оздравуваше од каква и да било болест да страдаше.)
5. Таму имаше еден човек, кој лежеше болен триесет и осум години.
6. Кога Исус го виде како лежи и кога узна дека веќе долго боледува, му рече: „Сакаш ли да оздравиш?”
7. Болниот Му одговори: „Господине, немам човек да ме спушти во бањата, кога ќе се разбранува водата; а додека дојдам јас, друг слегува пред мене.”
8. Исус му рече: „Стани, подигни ја својата постела и оди!”
9. И човекот оздраве веднаш, ја зеде својата постела и почна да оди. А тој ден беше сабота.
10. Затоа Јудејците му рекоа на оздравениот човек: „Сабота е и не смееш да ја носиш постелата.”
11. Но тој им одговори: „Оној, Кој ме излечи ми рече: „Подигни ја својата постела и оди!”
12. Тогаш го прашаа: „Кој е човекот кој ти рече: „Подигни ја својата постела и оди?”
13. А исцелениот не знаеше Кој е, зашто Исус се отстрани, бидејќи имаше многу народ на тоа место.
14. Потоа Исус го најде во Храмот и му рече: „Ете, оздраве, не греши повеќе, за да не те снајде нешто полошо.”
15. Човекот отиде и им кажа на Јудејците дека Исус го излекува.
16. И затоа Јудејците Го гонеа Исуса, и сакаа да Го убијат, дека тоа го направи во сабота.
17. А Исус им одговори: „Мојот Татко работи постојано, па и Јас работам.”
18. Затоа Јудејците Го бараа уште повеќе да Го убијат, не само дека ја нарушуваше саботата, туку дека и Бога Го наречуваше Свој Татко, изедначувајќи се со Бога.
19. А Исус пак во одговор им рече: „Вистина, вистина ви велам, Синот не може ништо да прави Сам од Себе, ако не види што прави Таткото; зашто она што го прави Таткото истото го прави и Синот.
20. Зашто Таткото Го љуби Својот Син и Му покажува сè што прави Сам и ќе Му покаже дела уште поголеми од овие, за да се чудите.
21. Зашто, како што Таткото воскреснува мртви и ги оживува, така и Синот ги оживува оние, кои што сака.