42. Јас знаев дека секогаш Ме слушаш; но ова го реков заради народот, кој стои тука, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил.”
43. Откако го рече тоа, викна со силен глас: „Лазаре, излези надвор!”
44. Умрениот излезе, завиткан со повои по рацете и нозете, а лицето му беше забрадено со крпа. Исус им рече: „Одвиткајте го и оставете го да оди!”
45. Тогаш мнозина од Јудејците, кои дојдоа со Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него;
46. а некои од нив отидоа при фарисеите и им рекоа што направи Исус.
47. Затоа свештеничките главатари и фарисеите го свикаа Синедрионот и рекоа: „Што да правиме? Зашто Овој човек прави многу чудеса?
48. Ако Го оставиме така, сите ќе веруваат во Него, и Римјаните ќе дојдат и ќе ни ги одземат и земјата и народот!”
49. А еден од нив, Кајафа, кој беше првосвештеник во таа година, им рече: „Вие не знаете ништо,
50. ниту помислувате, дека е подобро за вас да умре еден човек за народот, а не сиот народ да пропадне.”
51. А ова не го рече сам од себе, туку - како првосвештеник во таа година - прорече, дека Исус ќе умре за народот,
52. и не само за народот, туку и за да ги собере во едно распрснатите Божји деца.
53. Така, по тој ден, се договорија да Го убијат.