Јов 34:12-29 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. Навистина, Бог никогаш не прави зло, ниту Сèдржителот ја извртува некогаш правдата.

13. Кој освен Него мисли за земјата? И кој ја управува вселената?

14. Кога Тој би го повлекол Своето срце кон Себе, кога би го вратил сиот Свој Дух кон Себе,

15. сите суштества би издивнале одеднаш и човекот би се претворил во прав.

16. Ако имаш разум, слушај го ова, и внимавај на моите зборови.

17. Може ли да владее оној кој ја мрази правдата? Сакаш ли да го осудиш Најправедниот?

18. Оној, Кој му вели на царот: „Никаквец!” а на кнезот му говори: „Злосторнику!”

19. Кој не е пристрасен кон кнезовите, и еднаков Му е бедниот и богатиот, зашто тие се дело на Неговите раце?

20. Умираат во еден миг: среде глува ноќ; народите се брануваат, поминуваат, моќните паѓаат без човечка рака.

21. Зашто, Неговите очи се над човечките патишта, и Тој го гледа секој негов чекор.

22. Нема таков мрак и ниту смртна сенка, каде би можеле да се скријат оние што прават неправда.

23. Господ не му вели никому однапред, кога ќе стапи на суд пред Него.

24. Тој ги сотира јаките без сослушување и поставува други на нивното место.

25. И така, многу добро ги познава нивните дела! Среде ноќ, Тој ги кутнува и ги гази.

26. Со удар ги бие заради нивната злоба, во место каде сите можат да ги видат.

27. Зашто прекратија да одат по Него, ги занемарија Неговите патишта,

28. гонејќи ги бедните да пискаат до Него и угнетуваните да лелекаат кон Него.

29. Ама ако мирува, кој ќе Го трогне Него? Скрие ли го лицето, кој може да Го види?

Јов 34