Јов 29:15-24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

15. Бев очи на слепиот и бев нозе на хромиот.

16. Татко на бедните, застапник на странците.

17. Го разгледував внимателно делото на непознатиот, му ги кршев челустите на беззаконикот, го истргував пленот од неговите заби.

18. Велев: „Ќе издивнам во своето гнездо, како палма, проживувајќи безбројни денови.”

19. Моите корења се простираат до водата, росата почива на моите гранки.

20. Мојата слава ќе се подмладува секогаш, и лакот ќе се обновува во мојата рака.

21. Слушаа желно што ќе им кажам, и молчеа за да чујат совет од мене.

22. Ништо не додаваа на моите зборови, и моите беседи капеа како дожд врз нив.

23. Тие копнееја по мене како по дожд, отвораа уста како за летен пороен дожд.

24. Мојата насмевка им беше охрабрување; внимаваа на ведроста на моето лице.

Јов 29