Излез (2 Moj.) 9:20-29 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

20. Фараоновите службеници, кои се уплашија од Господовиот говор, ги дотераа внатре своите слуги и својот добиток.

21. Тие што не се грижеа за Господовата закана ги оставија надвор и своите слуги и добитокот.

22. Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Испружи ја раката кон небото да удри град по целата Египетска Земја: врз луѓето, животните и врз сите растенија во Египетската Земја.”

23. Мојсеј го крена стапот кон небото. Господ загрми и пушти град, и молњите ги здружи со земјата. Господ туруваше град по земјата на Египетците;

24. Градот биеше, низ него секавици параа. Таква стравотија не се нафрли врз Египетската Земја, откако имаше луѓе во неа.

25. Градот изби, низ сиот Египет, сè што остана надвор, луѓе и животни; ги уништи сите растенија по полето и ги искрши сите полски дрва.

26. Немаше град само во Гесенскиот Крај, каде што живееја Израелците.

27. Фараонот испрати по Мојсеја и Арона и им рече: „Признавам дека сум виновен овој пат. Господ има право, а јас и мојот народ сме виновни.

28. Молете Го Господа да ги запре громовите и градот, а јас ќе ве пуштам да отидете. Не ќе останете веќе долго.”

29. „Кога ќе излезам од градот - му рече Мојсеј - ќе ја кренам раката кон Господа, па ќе прекратат громовите, а ни град не ќе има веќе, така да знаеш дека земјата Му припаѓа на Господа.

Излез (2 Moj.) 9