Излез (2 Moj.) 5:2-12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

2. „Кој е Тој Господ за да Го послушам јас - одговори фараонот - и да ги пуштам Израелците? Јас не Го познавам Тој Господ, ниту ќе ги пуштам Израелците.”

3. „Бог на Евреите ни се јави - рекоа. Затоа пушти нè да одиме три дни одење во пустината и да Му принесеме жртва на Господа, својот Бог, за да не нè нападне со помор или со меч.”

4. Тогаш египетскиот цар им одговори: „Мојсеј и Арон, зошто го одвлечкувате народот од неговата должност? Одете на својата работа.

5. Сега кога луѓето се умножија толку - продолжи фараонот - вие сакате да ги остават работите?”

6. Во истиот ден фараонот им заповеда на надгледувачите и бележниците:

7. „Не набавувајте му на овој народ плева како досега. Нека одат сами и си ја собираат.

8. А барајте од нив исто количество плитари, што го правеа и досега. Не намалувајте го! Мрзливци се. Затоа викаат: ‘Ајде да Му принесеме жртва на својот Бог.’

9. Наложете им работи на тој народ: нека работат, за да не обрнуваат внимание на клеветите!”

10. Така, дојдоа надгледувачите на народот и неговите бележници и му јавија на народот: „Фараонот порачува вака: ‘Нема повеќе да ви набавувам плева.

11. Вие самите треба да одите и да ја барате, каде што ќе можете да ја најдете. Но затоа нема да ја намалам вашата работа.’”

12. Затоа народот се разотиде по целата египетска земја да собира слама место плева.

Излез (2 Moj.) 5