9. Тогаш рече: „Господи мој! Ако придобив благонаклоност во Твоите очи, тогаш, о Господи, дојди со нас! Иако е народот со корав врат, прости ни ги нашите гревови и нашите опакости и прими нè за Свое наследство!”
10. „Добро - одговори - склучувам Завет. Пред сите твои луѓе ќе направам чудеса какви не се збиднуваат ниту во една земја, ниту во еден народ. Целиот народ, кој те опкружува, ќе види што може Господ, зашто она што ќе направам со тебе, ќе биде страшно.”
11. ”И така, извршувај што ти наложувам денес! Ете, ќе ги протерам пред тебе Аморејците, Ханаанците, Хетејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците.
12. Внимавај да не склучиш завет со жителите на земјата во која одиш; за да не бидат стапица во твојата средина.
13. Туку, разурнете ги нивните жртвеници, соборете ги нивните столбови, исечете им ги ашерите!
14. Зашто не смееш да се клањаш на друг бог. Па Господ - името Му е Ревнител - Бог е ревнив.
15. Не прави завет со жителите на онаа земја, за да не те повикаат тие, кога ќе блудствуваат со своите богови и кога ќе им принесуваат жртви, а ти се согласиш да јадеш од принесената жртва;