Излез (2 Moj.) 29:29-46 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

29. Ароновите посветени облеки нека им припаднат на неговите синови по него, за да бидат во нив помазани и посветени.

30. Синот кој ќе стане свештеник место него, кога ќе влезе во Шаторот на средбата за да врши служба во Светилиштето, нека ги носи седум денови.”

31. „Потоа земи го овенот за посветување и свари го неговото месо на посветено место.

32. Арон и неговите синови нека го јадат месото од тој овен и леб од кошницата на влезот во Шаторот на средбата.

33. Нека јадат од она што служи за нивно покривање на гревот, за да бидат посветени и свети. Ниту еден туѓинец нека не јаде од тоа, зашто е посветено.

34. Ако остане нешто од месото за свештеничко посветување или нешто од оној леб до наутро, изгори го на оган. Не смее да се изеде, зашто е посветено.”

35. „Направи им токму така на Арона и на неговите синови, како што ти наредив. Посветувај ги седум денови.

36. Секој ден принесувај по еден јунец како жртва покајница - за помирување. И принеси жртва покајница за помирување на олтарот, потоа помажи го, за да биде посветен.

37. Седум денови принесувај жртва помирница за жртвеникот и посветувај го. Така жртвеникот ќе стане пресвет, и сè што ќе се допре до жртвеникот ќе биде посветено.”

38. „А ова треба да го принесуваш на жртвеникот: две јагниња, годиначиња, секој ден без прекин.

39. Жртвувај едно јагне наутро, а другото жртвувај го навечер.

40. Принеси со првото јагне десетина од ефа бело брашно замесено со четвртина ин првоточно истолчено масло, и жртва изливница од четвртина ин вино.

41. Другото јагне принеси го во примрак. Со него принеси жртва приносница со неговата жртва излевница како и наутро - за пријатен мирис, жртва палена во чест на Господа.

42. Тоа нека биде трајна жртва паленица од поколение до поколение - при влезот во Шаторот на средбата, пред Господа. Таму Јас ќе се среќавам со тебе за да ти зборувам.

43. Ќе се состанувам тука и со Израелците, и Мојата слава ќе ги посветува.

44. Јас ќе ги посветам Шаторот на средбата и жртвеникот; ќе ги посветам Арона и неговите синови, за да ми служат како свештеници.

45. Јас ќе престојувам меѓу Израелците и ќе им бидам нивни Бог.

46. Тогаш тие ќе познаат дека тоа Сум Јас, Господ нивниот Бог, Кој ги избави од Египетската Земја, за да пребивам среде нив - Јас, Господ, нивниот Бог.”

Излез (2 Moj.) 29