Излез (2 Moj.) 12:37-46 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

37. Така Израелците тргнаа од Рамзес кон Сокхот. Беа околу шест стотини илјади пешаци, освен жените и децата.

38. А многу и друг свет тргна со нив, и многу добиток, крупен и ситен.

39. Испекоа пресни погачи од тестото што го зедоа со себе од Египет: не беше уште стасано. А бидејќи беа терани од Египет, не можеа да одложуваат, и така не си приготвија за себе попатна храна.

40. Времето што Израелците го поминаа во Египет беше четири стотини и триесет години.

41. И кога се наполнија четири стотини и триесет години - точно во тој ден - сите Господови чети излегоа од Египетската Земја.

42. Онаа ноќ што Господ ја бдееше за да ги избави нив од Египет, оттогаш за сите Израелци, во сите нивни поколенија, е ноќ на бдеење во чест на Господа.

43. Господ им рече на Мојсеја и Арона: „Нека е ова правило за пасхалната жртва: Ниеден странец не смее да јаде од неа!

44. Секој роб, купен за пари и обрезан, може да ја јаде!

45. Никој придојденец или наемник да не јаде од неа!

46. Јадете ја во една иста куќа; не смеете да изнесувате месо од куќата, ниту смеете да и скршите коска на жртвата.

Излез (2 Moj.) 12