28. Потоа Израелците отидоа и послушаа: како што Господ им нареди на Мојсеја и Арона така и направија.
29. На полноќ Господ ги погуби сите првороденци во Египетската Земја: од фараоновиот првороденец, кој требаше да седи на престолот, до првороденецот на пленикот во темницата, а така и сите првородени на добитокот.
30. Во ноќта стана фараонот, тој и сите негови дворјани и сите Египетци, зашто страшен лелек се разнесе низ Египет: немаше куќа во која не лежеше мртовец.
31. Фараонот ги повика во ноќта, Мојсеја и Арона па им рече: „Станете и заминете од мојот народ и вие и вашите Израелци! Одете си! Искажете му почитување на Господа, како што баравте.
32. Заберете го својот ситен и крупен добиток, како што баравте: одете, па благословете ме и мене!”
33. Египетците го принудуваа народот да замине побргу од земјата, „зашто загинавме сите,” зборуваа тие.
34. Така народот го зеде со себе уште нескиснатото тесто; ноќвите, завиткани во наметки, ги понесоа врз рамена.
35. И Израелците направија како што им рече Мојсеј, побараа од Египетците сребрени и златни скапоцености, и облеки.
36. Господ направи Египетците да му бидат благонаклонети на народот, па даваа. Така ги ограбија Египетците.