16. На првиот ден држете свет собир, и така и на седмиот ден. Не работете никаква работа во тие денови. Единствено можете да готвите јадење, колку што му е потребно секому.
17. Пазете го празникот на бесквасниот леб! Имено во тој ден ги изведов вашите чети од Египетската Земја. Пазете го тој ден како празник од поколение до поколение: тоа е вечна наредба.
18. Од вечерта на четиринаесеттиот ден на првиот месец па сè до вечерта на дваесет и првиот ден на тој месец јадете бесквасен леб.
19. Седум дена не смее да има квас во вашите домови. Кој ќе јаде што и да е потквасено, тој нека биде отстранет од израелската заедница, било да е странец или домородец.
20. Ништо потквасено не смеете да јадете: во сите свои живеалишта јадете бесквасен леб.’”
21. Потоа Мојсеј ги повика сите старешини на Израелците и им рече: „Одете и набавете си јагне за своите семејства и жртвувајте Пасха.
22. Тогаш земете китка босилек, натопете ја во крвта што е во земјан сад и попрскајте ги со крвта, од земјаниот сад, надвратникот и двата довратници. Нека никој не излегува низ куќната врата до утрото.
23. Кога Господ ќе поминува да ги погуби Египетците, ќе ја забележи крвта врз надвратникот и врз двата довратници, па ќе ја одмине таа врата и нема да му дозволи на Погубителот да влезе во вашите куќи и да поразува.
24. Оваа одредба ќе ја пазите во сите времиња како закон за себе и за своите деца.
25. И кога ќе дојдете во земјата, што Господ ќе ви ја даде како што вети, вршете ја оваа служба.
26. Кога вашите деца ќе ве прашаат: ‘Што ви значи таа служба?’
27. одговорете им: ‘Ова е пасхална жртва во чест на Господа, Кој поминуваше покрај куќите на Израелците, кога ги усмртуваше Египетците, а ги поштедуваше нашите куќи.’” Тогаш народот се поклони длабоко и искажа почитување.
28. Потоа Израелците отидоа и послушаа: како што Господ им нареди на Мојсеја и Арона така и направија.
29. На полноќ Господ ги погуби сите првороденци во Египетската Земја: од фараоновиот првороденец, кој требаше да седи на престолот, до првороденецот на пленикот во темницата, а така и сите првородени на добитокот.