2. Ден по ден, тие Ме бараат и сакаат да ги знаат Моите патишта, како народ кој ја извршува правдата и не го заборава правото на својот Бог. Од Мене бараат праведни судови и копнеат за да им се приближи Бог:
3. ‘Зошто постиме ако Ти не гледаш, зошто се смируваме ако Ти не знаеш?’ Ете, во денот кога постите наоѓате работа и на работа ги терате своите работници.
4. Ете, вие постите за да се препирате и за да се карате и за да ги биете бедните со тупаницата. Не постете веќе како денес, и ќе ви се чуе гласот во висината!
5. Зар Мене Ми е по волја таков пост во денот кога човекот се измачува? Да се наведнува главата кон земјата како трска, да се постила под себе вреќиште и пепел, сакаш ли тоа да го наречеш пост и ден угоден на Господа?
6. Ова е пост што Ми е по волјата: да ги кинеш неправедните окови, да ги разврзеш врските на јаремот, да ги пуштиш на слобода угнетуваните, да ги скршиш сите окови;
7. Да го поделиш својот леб со гладните, да ги воведеш под својот покрив бескуќниците, да го облечеш оној што ќе го видиш гол, и да не се криеш од оној, кој е од твојата крв.
8. Тогаш ќе светне како зората твојата светлина и твоето здравје ќе процвета бргу. Твојата правда ќе оди пред тебе, а Господовата слава ќе ти биде заштитница.
9. Ако викнеш, Господ ќе ти одговори, кога ќе извикаш, ќе рече: ‘Еве Ме!’ Ако ги отстраниш од својата средина јаремот, испружениот прст и безбожната беседа,
10. ако му дадеш леб на гладниот, ако го наситиш угнетуваниот, твојата светлина ќе засвети во темнината, и твојата темнина ќе стане како пладне.
11. Господ ќе те води непрекратно, ќе те сити во сушни краишта. Тој ќе ги закрепнува твоите коски, и ќе бидеш како напоена градина, како кладенец, чија вода никогаш не пресушува.