16. Ќе ги вееш, ветерот ќе ги однесе, виорот ќе ги распрсне. А ти ќе воскликнуваш во Господа, и ќе се фалиш со Израелевиот Светец.
17. Немоќните и бедните бараат вода, а неа ја нема! Јазикот им се осуши од жед. Јас, Господ, ќе ги послушам нив, Јас, Израелевиот Бог, нема да ги оставам.
18. Ќе отворам реки на голите брегови, и извори среде доловите. Ќе ја претворам пустината во езеро, а сувата земја во кладенци.
19. Ќе посадам во пустината: кедар, багрем, мирта и маслинка. Степата ќе ја пошумам со чемпрес, со јавор и со бука заедно.
20. Сите нека видат и нека знаат, нека размислат и нека сфатат: Господовата рака го направи тоа, Израелевиот Светец создаде сè.”