7. Затоа Господ Бог зборува вака: „Еве, дигам рака и се колнам: Народите што се околу вас сами ќе го носат својот срам.
8. А вие, Израелеви гори, разгранчете се и донесете му род на народот што ќе дојде скоро.
9. Зашто, еве Ме кај вас! Се обратив кон вас, и ќе ве одгледувам и ќе ве посејам.
10. Ќе ги размножам луѓето по вас, - сиот Израелев дом - ќе ви ги населам градовите, ќе ги кренам пак вашите урнатини!
11. Ќе ги размножам по вас луѓето и животните, тие ќе се намножат и ќе се наплодат - та ќе ве населам како некогаш и ќе ве опсипам со добра повеќе отколку порано! И ќе знаете дека Јас Сум Господ!