20. Оној кој ќе згреши, тој и ќе умре. Синот нема да го носи татковиот грев, ни таткото синовиот грев. Врз праведникот ќе биде неговата правда, а врз безбожникот неговата безбожност.
21. Ако безбожникот се одврати од сите гревови што ги направил, ако ги чува сите Мои наредби и ги врши законот и правдата, ќе живее и нема да умре.
22. Сите негови неправди што ги направил ќе бидат заборавени: заради праведноста што ја прави, ќе живее.
23. Зашто зар ми е Мене до тоа да умре безбожникот - говори Господ Бог - а не да се одврати од сите свои лоши патишта и да живее?
24. Ако ли праведникот се одврати од својата праведност и почне да прави неправда и сите гадости што ги работи безбожникот - дали ќе живее? Сите праведни дела што ги правел ќе бидат заборавени, а заради својата невера со која што изневери и заради гревовите што ги направил, ќе умре.
25. А вие велите: ‘Господовиот пат не е праведен!’ Чуј Израелев доме: Мојот ли пат не е праведен? Не се ли вашите патишта неправедни?