28. Ти ми ги покажа патиштата на животот, ќе ме исполниш со веселба пред Своето лице.’
29. Мажи, браќа! Можам да ви речам слободно за патријархот Давид, дека умре и беше погребан и дека неговиот гроб е при нас до денешен ден.
30. Но, бидејќи беше пророк и зашто знаеше дека Бог му вети со заклетва, дека од родот на неговите бедра ќе подигне Некого, на неговиот престол,
31. предвидувајќи за воскресението на Христа, рече: ‘Ниту беше оставен во Подземјето, ниту телото Му се распадна.’
32. Бог Го воскресна Овој Исус, за кое ние сите сме сведоци.
33. И така подигнат со Божјата десница, Тој Го прими од Таткото ветениот Свети Дух, и го излеа ова, што го гледате и слушате.
34. Зашто Давид не се вознесе на небесата, но самиот рече: ‘Му рече Господ на мојот Господ: седни оддесно до Мене;
35. додека не ги положам Твоите непријатели како подножје на Твоите нозе!’