Дела Ап. 16:26-36 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

26. Но одеднаш стана силен потрес, така што се стресоа основите на темницата: во истиот миг се отворија сите врати, и на сите им паднаа оковите.

27. А чуварот на темницата се разбуди и кога ги виде отворените врати на темницата, го извади мечот и сакаше да се убие, мислејќи дека затворениците избегале.

28. Но Павле викна со силен глас, велејќи: „Не прави си себеси никакво зло, зашто сите сме тука!”

29. А тој побара светлина, истрча внатре и треперејќи падна пред Павле и Сила;

30. ги изведе и рече: „Господини, што треба да правам за да се спасам?”

31. Тие пак рекоа: „Верувај во Господа Исуса и ќе се спасиш ти и твојот дом.”

32. И им го проповедаа Господовото слово нему и на сите, кои беа во неговиот дом.

33. И тој ги зеде во истиот час на ноќта, им ги изми раните од ударите и веднаш се крсти и тој и сите негови.

34. Тогаш ги одведе горе во куќата, постави трпеза, и се зарадува со целиот дом, зашто поверува во Бога.

35. А кога се раздени, заповедниците испратија судски службеници и рекоа: „Пушти ги оние луѓе!”

36. Темничарот му ги рече тие зборови на Павла, велејќи: „Заповедниците пратија да ве пуштам. Затоа сега излезете и одете си со мир!”

Дела Ап. 16